Периодот на големи количини дожд, а сега и екстемно високи температури прават големи штети врз земјоделието во Северна Македонија. Кај некои житни култури посевите се намалени од 30 до 50 отсто, велат земјоделци за РСЕ. Овие непогоди ќе зачестат, а на тоа треба да се подготват и градовите.
Земјоделците во земјава и регионот се соочуваат со тешка ситуација за време на жетвите на житните култури, отткако минатава пролет беше погодена од големи количини дожд, а летово од екстремно високи температури и невремиња.
Стеванче Јордановски е земјоделец од Прилеп кој вели дека екстремните временски услови предизвикани од климатските промени веќе години наназад предизвикуваат загуби во земјоделските приноси, но оваа година особено се погодени житните култури поради големите количини пролетни дождови.
„Пролета беше доста врнежлива и кај житните култури се јавија многу болести, поради што во многу случаи приносите се доста намалени, објаснува тој, додавајќи дека во зависност од регион до регион, почва и обработлива површина, загубите годинава достигнуваат од 30 до 50 проценти.
„Ако зборуваме за жито, пченица, јачмен и други житни култури проблемот настана со врнежите. Така беше поради големата количина на вода и долгиот временски во кој траеја дождовите. Беше мрачно и облачно и без сонце, а вегетацијата не можеше да се одвива правилно. Додека во однос на сегашните пролетни култури, проблемот кај нив ќе настане сега со жештината“, вели Јордановски за Радио Слободна Европа.
Повеќе на РСЕ










