Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, годинава се чествува 2 Август- Денот на Републиката – Илинден, при што обраќања ќе има од страна на државниот врв.
Претседателот Стево Пендаровски ќе се обрати во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, а претседателот на Собранието Талат Џафери на Мечкин Камен во Крушево.
Премиерот Димитар Ковачевски ќе се обрати на свеченост на тврдината Кале во Скопје, а лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ќе предводи висока партиска делегација во Крушево
Делегации на Владата учествуваат на сите настани опфатени со државната програма за одбележување на државниот празник 2 Август – Денот на Републиката – Илинден.
Одбележувањето ќе започне со настаните во Скопје, каде на свечена манифестација на тврдината Кале во Скопје ќе се обрати премиерот Ковачевски а владини делегации ќе положат цвеќе на повеќе локации во градот, соопштi од Владата.
Свечената манифестација во Скопје на тврдината Кале ќе биде 9:30 часот, каде по положувањето цвеќе пред споменикот на слободата „Сила, слава и победа“, ќе се обрати Ковачевски.
Ковачевски таму ја предводи владината делегација во чиј состав се првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи, министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Од Владата информираат дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, предводејќи државна делегација со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево.
Владината делегација ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење.
На Мечкин Kамен во 11:30 часот, започнува манифестацијата на која ќе се обрати претседателот на Собранието, Џафери.
Извор:РСЕ










