Одложените оставки на министрите на ДУИ според аналитичарот Алберт Муслиу не се тактизирање на партијата, туку оневозможување на „ирационалните барања“ на ВМРО-ДПМНЕ. Владимир Божиновски, пак, вели дека ова не се оставки на ДУИ, бидејќи ,според него, оставка се поднесува, а не се условува.
Министрите на ДУИ поднесоа условени оставки како одговор на едно од барањата на ВМРО-ДПМНЕ, да се формира влада без ДУИ, за да ги поддржи уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата. Ова наметна повеќе прашања во јавноста – дали ДУИ тактизира или, пак, е можен компромис за отворање на Уставот ако се прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Експертите и аналитичарите ,сепак, се поделени околу тоа дали овие оставки се тактички маневри или, пак, со нив се прават вистински отстапки за гласање на уставните измени за да продолжи европскиот пат на земјава.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски смета дека ова не се вистински оставки на ДУИ, туку само понуди за оставки. Тој вели дека оставките од Владата на ДУИ, било само еден од предусловите на ВМРО-ДПМНЕ, а дека главното барање е промена на Уставот со одложено дејство, само кога Македонија ќе влезе во ЕУ. Сега, вели Божиновски, земјата се наоѓа во ќорсокак и единствено решение според него се избори, на кои власта и опозицијата би ги понудиле своите идеи пред граѓаните.
„Уште лани говоревме дека после понудата за тој француски предлог треба да има избори и на тие избори граѓаните да одлучат дали се или се против прифаќање на истиот. Ние тогаш имавме ситуација каде што Ковачевски потпиша и покрај огромниот револт на најголемиот дел од македонските граѓани и најавите на опозицијата дека тоа за нив воопшто е неприфатливо. Доколку потпиша договор, сега нека повели нека го спроведе. Тоа е нешто на коешто тој се обврзал“, вели Божиновски.
Повеќе на: РСЕ









