Сѐ додека владее неказнивост и неодговорност за лошото работење и сѐ додека партиите поставуваат свои луѓе на раководни позиции, ќе има ниска доверба во институциите, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија, чие последно истражување покажува дека македонските граѓани имаат најниска доверба во судството, Владата и Собранието. Недоверба „уживаат“ и македонските политичари.
Недовербата на граѓаните во македонските политичари, а се повеќе и во институциите на системот е во пораст, што ја потврди последната анкета на Институтот за политички и социолошки истражувања. Дури 39,7 отсто од анкетираните одговориле дека немаат доверба во ниту еден политичар, а 12,1 отсто не знаеле што да одговорат на ова прашање.
И оние граѓани кои ние ги прашавме, велат дека се поретко ги интересира што кажуваат политичарите, зошто, како што велат, искуството покажало дека не треба да им се верува.
„Денеска едно кажуваат, утре друго. Зошто не си стојат на зборот, не разбирам. Ништо не прават како што кажале, или пак спроведуваат нешто што друг ќе им каже. И како да им веруваш, денеска ти викаат така ќе биде и ти се надеваш, правиш планови дека така ќе биде, кога по месец дена, друга приказна. И на кого да му веруваш, на Претседател, Премиер, на кого?“, прашува скопјанецот Митко.
„Политичарите треба да направат да ни биде добро. Јас ќе му верувам на оној политичар кој ќе направи нешто добро за мене, за моите деца, за мојата иднина. Ќе им верувам кога ќе им повеќе работни места, повисоки плати и подобар стандард“, вели Иљас, продавач од Скопје.
„Веќе не ми е интересно да ги следам, сѐ едно те исто зборуваат. Постојано слушаме ЌЕ, ќе направиме ова, ќе направиме она…и на крај пак ништо не прават. Ете затоа не ги слушам и не им верувам на политичарите“, вели пензионерката Ленче.
А, недовербата кон политичарите оди паралелно со недовербата која македонските граѓани ја покажуваат кон институциите. Граѓаните најмалку им веруваат на судскиот систем, Собранието и Владата, покажало неодамнешното истражување на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ и Националниот демократски институт (НДИ). На скалата од 1 до 10 најмногу доверба имаат во војската од 5,1 отсто, добро котира и локалната власт со 4,2 отсто, а на дното е судството и обвинителството со 2,7 % доверба.
Од друга страна пак, највисока доверба меѓу граѓаните имаат верските заедници, војската и полицијата.
Повеќе на РСЕ










