Власта е насочена кон решавање на политичките проблеми и евро-интеграцијата, а бизнисот и граѓаните бараат таа повеќе да се насочи на економските прашања, на повисоки плати и пензии и поголема контрола на трошењето на буџетските пари. Економски експерти велат дека надворешната политика е важна, но дека економскиот развој е клучен за иднината на земјата.
Додека државата е фокусирана врз решавање на прашањето со Бугарија и интеграцијата во Европската унија (ЕУ), за граѓаните и бизнис заедницата главен приоритет треба да биде зголемувањето на животниот стандард, кратењето на јавните трошоци и повисоки плати.
Поголем дел од граѓаните сметаат дека ниските плати и пензии се најголем проблем со кои во моментов се соочува државата. Надворешно политичките прашања се важни, но државата 30 години се обидува да ги реши и тоа и натаму трае, вели за Радио Слободна Европа скопјанката Зорка Аврамовска.
„Треба луѓето да живеат овде, а не да бегаат надвор од Македонија. Платите се најважни, бидејќи сите млади побегнаа. Овде останаа само возрасни луѓе“, вели Аврамовска.
Платите и пензиите се егзистенцијално прашање кое најмногу ги загрижува граѓаните, вели Драган Ѓорговски.
„Прашањата со интеграциите и со соседите политичарите треба да го решаваат на повисоко ниво, но приоритет мора да бидат егзистенцијалните прашања“, вели Ѓорговски.
Некои граѓани, кои ги анкетиравме рекоа дека треба да се решаваат и двете прашања паралелено. Но, истражувањето на Националниот демократски институт (НДИ) објавено на 6 јуни покажува дека над 27 проценти од граѓаните сметаат дека животниот стандард е главен проблем во државата, за разлика од помалку од 7 проценти кои велат дека тоа е решавањето на прашањето со Бугарија и над 8 проценти за кои приоритет е интеграцијата во ЕУ.
Повеќе на РСЕ










