Граѓаните кои плаќаат здравствено осигурување во никој случај нема да бидат на каков било начин во подредена состојба да плаќаат за странците, велат од Министерството за здравство. Странците ќе може да се лекуваат во државните клиники во земјава по цена што ја плаќаат македонските државјани кои немаат осигурување и плаќаат приватно.

Македонските државјани кои немаат здравствено осигурување и странците кои ќе сакаат да се лекуваат во земјава ќе плаќаат иста цена, соопшти на 9 јуни Министерството за здравство.

Денешното појаснување дојде по изјавата на министерот за здравство Фатмир Меџити, кој на 7 јуни рече дека ќе се нивелираат цените за граѓаните од Косово и од Албанија, кои ќе користат здравствени услуги во јавното здравство во Северна Македонија.

„Косовските граѓани плаќаа двојни цени и тоа само во јавното здравство, а не во приватното. Дадовме наредба од Министерството за здравство ова да се израмни и да има исти цени како за државата, бидејќи всушност не доаѓаат странци во Македонија, тие се од Косово, особено за здравствени потреби. Презедов мерки и за граѓаните од Албанија кои доаѓаат и ги посетуваат болниците во Охридскиот регион“, рече Фатмир Меџити на 7 јуни.

Повеќе:РСЕ