СДСМ предложи широка коалиција со сите партии кои се за евроинтеграција. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ прифати со услов – без ДУИ. ДУИ ја прифати ракавицата, ама само до избори. Разликите се во деталите, кога и како да се гласа во Собрание за уставните измени и од кога да стапат во сила.

Претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски на лидерската средба ја отворија вратата за уставни измени, но сега ќе се разгледуваат опциите како да се изведат. Двотретинско мнозинство засега нема, но во игра се неколку предлози за кои ќе размислуваат политичарите во наредните денови.

Владејачката СДСМ ја покани во широка владина коалиција опозициската ВМРО-ДПМНЕ и сите останати партии кои се заинтересирани за продолжување на евроинтеграциите. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ делумно го прифати ваквиот предлог, но условува тоа да биде влада во која нема да учествува Демократската унија за интеграција (ДУИ).

По овој предлог за широка влада без ДУИ, одговори министерот за надворешни работи Бујар Османи кој ја прифати „фрлената ракавица “ .

„ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада. Европската иднина на граѓаните е пред сѐ!“, напиша Османи на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук по завршувањето на лидерската средба меѓу Ковачевски и Мицкоски.

Повеќе на РСЕ