Деловникот на Собранието предвидува строги рокови за дебата за измените на Уставот. Претседателот на Собранието Талат Џафери посочува дека може да има мало скратување, но само ако нема доволно пријавени за дебата. Тој очекува процедурата за уставни измени да почне во средината на идниот месец.

Од моментот на доставување на иницијативата за уставни измени во Собранието до нивното усвојување минимално се потребни 4,5 месеци, рече на денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието Талат Џафери.

Веднаш штом Владата ја потпише Предлог – иницијативата за уставни измени кои ги состави Работната група, таа треба да биде доставена во Собранието. Во рок од 30 дена по доставувањето, Иницијативата треба да биде разгледана во законодавниот дом. Потоа, во следните десет дена за неа ќе расправа Комисијата за уставни измени, а подоцна следува и расправа на пленарна седница на која претресот може да трае исто така најмногу десет работни дена.

Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, во случајот со 80.

Џафери додава дека доколку нема две третини на првото гласање за Иницијативата за измени на Уставот, процедурата ќе прекине.

Повеќе на РСЕ