Како да се стигне до работа? Ќе има ли државна матура? Како да се најде термин за лекар или да се заврши работа на шалтер без „врски“? Ова се дел од маките на граѓаните. Неефикасните институции, проблемите во здравство, образование…се високо на листата причини зошто луѓето се иселуваат од земјата.
Потешко е да стигнеш до центарот на главниот град, отколку да фатиш автобус за надвор од земјата, вели Весна од скопската населба Железара.
Иако живее само на неколку километри од центарот на градот, понекогаш чека и по повеќе до 40 минути да дојде автобус за градски превоз.
„Побргу ќе ти дојде автобус за во странство. Вадев карта да ја посетам ќерка ми, која се исели во Хрватска, во ист термин заминуваат три автобуси. Девојчето во туристичката агенција ме праша – Зошто вадам повратна карта? Сите други си извадиле во еден правец, од три автобуси, само јас планирам да се вратам“, вели таа.
Ситуацијата со јавниот превоз во главниот град е влошена во последните месеци, откако во градскиот превоз по штрајкот, не учествуваат приватните автобуси, па автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) ги презедоа и нивните линии.
Без врски не може да се заврши работа
И како што вели една реклама, „колку стресови подготви денот за вас“?
Додека чека да и дојде автобусот на памет и доаѓа уште една мака, како помалиот син ќе и положи матура. До ред неколку денови одржувањето на државната матура висеше на конец, поради штрајкот на вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ), институција која ги спроведува овие тестирања.
„Прво немаа книги за сите предмети. Свидетелствата како и секоја година, може ќе им доцнат. Сите случувања оставаат последици. Стресот произлегува и од тоа што не знаеме каде цели нашето образование, што ќе не чека следната година, со што ќе треба да се справуваме“, вели таа и додава дека ништо во државата не може да се заврши без врски.
„На лекар не чекаш само кога одиш на матичен, а за друго тешко се доаѓа за термин за прегледи и затоа ќе си одиме на приватно и ќе си плаќаме. За документи нешто ако ти треба, мора да фатиш „врска“ и да влезеш преку ред за да завршиш некоја работа, инаку по цел ден треба да си чекаш“, вели таа.
Токму затоа нејзината постара ќерка одлучила да си замине од земјата, оти на ниту една врата каде што ќе тропнеш не можеш да си завршиш работа, додава Весна.
Повеќе на РСЕ









