Дали треба законите за автопатиштата на „Бехтел и Енка“ да бидат со европско знаменце е последното прашања во низата поврзани со овој проект. Овие закони требаше да се донесат до 2022. Со месеци јавноста ја мачат прашања – Колку точно ќе чини проектот, кои се роковите, дали ќе се плаќаат пенали, зошто договорот е означен како доверлив? Одговорите се „изгубија“ во изјавите на функционерите.
Започнува собраниската дебата за измените на законите поврзани со договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатишта во Македонија. За да ја избегне опозициската блокада, Владата на 5 мај соопшти дека ќе ги менува законите со цел побрза и поевтина изградба на автопатиштата, но и дека овој пат тие ќе добијат европско знаменце.
Претходно измена на истите закони побараа пратеници од владејачката коалиција, но законите останаа блокирани во Собранието.
Со европско знаменце се носат закони потребни да се забрзаат реформите потребни да се усогласи македонското законодавство со тоа во Европската унија.
За законите со ваква знаменце дебата е два дена, па затоа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, немаат време да поднесат многу амандмани.
Опозициската партија изминатиот период обвинува дека договорот е штетен и дека има услови за корупција. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат да го видат договорот, кој е означен како „доверлив“.
Знаменцето, пак, не ги поколеба двајцата пратеници од Левица да поднесат над 6000 амандмани, за како што велат, да го спречат најголемиот грабеж во историјата.
Веднаш откако Владата соопшти дека законите ќе се носат со европско знаменце, од Делегацијата на Европската унија во Скопје изразија загриженост за таквата одлука.
„Употребата на брзи процедури треба да се ограничи и да се применува само кога е оправдано да се унапреди реформската агенда на ЕУ“, реагираа од Делегацијата.
Повеќе на РСЕ










