Трагедијата во училиштето во Србија отвори дебата како да се заштитат децата од насилните содржини на социјалните мрежи. Училиштата може да го ограничат пристапот до некои содржини, но експертите велат – нема да има ефект. За учениците најавите за „гасење“ на некои мрежи се бесмислени. Властите пак со кампања ќе ја подигнуваат свеста против училишното насилство.
За најголемиот дел од учениците, покрај училишниот ранец, мобилниот телефон е нешто без кое не тргнуваат во училиште. Кога некои од компјутерите во училиштето не работат, мобилните се лесно достапни и се користат како дополнителна алатка на некои часови, раскажува ученик во едно скопско училиште.
„Најчесто ги користиме мобилните за пребарување информации за некоја наставна содржина, а понекогаш на телефон решаваме и квизови. Некои наставници не дозволуваат да ги користиме телефоните, а на некои пак, тоа не им пречи. На одморите речиси сите ученици се со мобилните и си гледаме тоа што не интересира“ вели ученикот.
Дебатата за тоа колку се безбедни социјалните мрежи не е нова, но новина е што ресорното министерство за образование подготвува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишна средина.
До ова доаѓа по трагичниот масакар во училиштето „Владислав Рибникар“ во Србија во која малолетник уби осум ученици и еден работник од обезбедувањето во тоа училиште, а повреди уште шест ученици и еден наставник.
Повеќе на РСЕ









