Сѐ поверојатно е дека матурантите нема да полагаат матурски испит на 27 мај. Вработените во Државниот испитен центар го продолжуваат штрајкот, откако со надлежните институции не успеаја да постигнат договор за зголемување на нивните плати. Од Синдикатот обвинуваат дека повисоки плати добија само функционерите. Министерот Шаќири апелира да не се доведуваат во прашање испитите.
Дваесетте вработени во Државниот испитен центар (ДИЦ) го продолжуваат штрајкот, откако по два неуспешни состанока со претставниците на Министерството за финансии, не успеале да се договорат за зголемување на нивните плати. Тоа значи дека првиот датум на полагање државна матура, односно 27 мај, најверојатно ќе биде пролонгиран. Од Синдикатот на ДИЦ велат дека сега веќе е невозможно да се направат потребните подготовки за полагање на матурата, а тоа, како што велат би значело и доцнење со резултатите.
„Од таа причина веќе бараме министерот за образование да преговара со нас за тоа кои се следните опции за нови термини за полагање државна матура. Ние не бараме, туку кажуваме дека овие датуми не може да ги постигнеме, има многу активности кои се поврзани и сите вработени се неопходни во тој процес. Подготвени сме да работиме деноноќно за да ги реализираме обврските, не сакаме да им наштетите на матурантите со какво било пролонгирање на резултатите, но во прашање се минути, не денови. Искрено се надевам дека ова пролонгирање нема да биде големо и се ќе зависи од одговорот на Министерството за финансии, изјави Емилија Бошковска, претседател на Синдикалната организација при ДИЦ.
Вработените во оваа институција која е надлежна за спроведување на државната матура, но и за полагањето на испити за директори и приправници, бараат зголемување на платите за околу 25 проценти согласно колективниот договор. Но, од ресорното министерство за финансии им било понудено зголемување за околу 1000 денари по вработен. Тврдат дека наместо за нив, парите од буџетот биле наменети за зголемените плати на функционерите.
„Од нашиот буџет се резервирани средства за пренамена која е во ек, односно за платите на функционерите. Некои си 270 до 300 илјади денари се резервирани за нивните плати, а за нас планираат по 1000 денари зголемување од човек. Нашите барања беа околу 400.000 денари, вели Бошковска.
Повеќе на РСЕ










