Пограничните региони може да се офајдат, но преку поволноститите што ги нуди Отворен Балкан, од Македонија може да си заминат работници оти платите, на пример во Србија, се поголеми. Ако сакаме да ги задржиме работниците, треба да сме поконкуренти, велат бизнисмените.

Невработен од Врање, соседна Србија или од Пешкопеја во Албанија, со еден клик ќе може да провери што се нуди на пазарот на труд во Македонија и доколку сака да работи тука, да не губи многу време да обезбеди работна дозвола и престој. Некој од стоте илјади луѓе во Македонија кои бараат работа, среќата ќе може да си ја најдат во Србија или во Албанија.

Во рамки на регионалната иницијатива Отворен Балкан, во која членуваат Македонија, Албанија и Србија, во септември лани беше ратификуван Договорот за слободен пристап до пазарот на труд. Со овој договор се поедноставуваат процедурите за вработување во земјите членки на оваа иницијатива.

Но бизнисмените велат дека договорите помпезно се најавуваат, а спроведувањето е премногу бавно.

„Има многу повеќе политички состаноци, а според нашите анализи има само неколку имплементирани мерки. Веројатно проблемот е во тоа што реалниот сектор е секогаш поефикасен од политичарите, кои помпезно ги најавуваат своите идеи, но им фали ефикасност“, вели Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори во неделното интервју на Радио Слободна Европа, што во целост ќе го објавиме в недела.

Повеќе на РСЕ