На пазарот на труд не се вклучени речиси 200 илјади луѓе од 25 до 54 години. Упатените велат дека тие сепак имаат активности. Или сезонски работат во странство, па не им се исплати да бараат работа во Македонија, или велат дека повеќе им се исплати да чуваат деца отколку да работат за малку пари.
Платите во Македонија се многу ниски, па воопшто не сум барал работа тука, вели 40-годишниот Борис од еден мал град во внатрешноста. Повеќе од 10 години, тој сезонски работи на туристички бродови кои крстарат по Карипското Море. Неколку месеци е на брод, а потоа неколку месеци се враќа дома и живее со заработените пари.
„Македонската плата е два дена работа во странство“, вели тој.
Борис е само еден од илјадниците луѓе во полна работна сила кои не се иселени, но не бараат работа во Македонија.
Според податоците на Државниот завод за статистика, околу 190 илјади луѓе во Македонија на возраст од 25 до 54 години не се вработени, ниту пак бараат работа, односно се водат како неактивно население. Според последните податоци на државната статистика, кои се од 2021 година, има уште 130 илјади вакви луѓе на возраст од 55 до 64 години и уште над 20 илјади помлади од 24 години, кои не се ученици или студенти. Тоа се вкупно 340 илјади луѓе помлади од 64 години, кои не се вклучени во пазарот на труд, односно немаат вработување, но не ни бараат работа.
Повеќе на РСЕ









