Њузлетер 07.04.2023 – Неделава замрзнати цените на зеленчук и овошје, но функционерите никако да си ги замрзнат платите. Добива ли Артан Груби преголема моќ?
Распродажба на државно земјиште
По „замрзнати“ цени се продава државно земјиште, се по закон, правилник, тарифник и некои други, помалку познати услови.
Фирмата, во која сопственички удел има сопругата на премиерот Димитар Ковачевски, ќе добие државно земјиште по цена од 70 денари за метар квадратен за изградба на планирана фотоволтаична централа. Владината одлука за продажба на 1.119 метри квадратни земјиште во радовишкото село Раклиш ја потпишал првиот вицепремиер Артан Груби на владината седница на 14 март годинава.
Но, од Министерство за транспорт и врски, на прашањата на Радио Слободна Европа, велат дека на фирмата „Сол Груп 5“ доо не и е издадена дозвола за градба на фотоволтаична електрана во Радовиш, затоа што инвеститорот на 14 септември лани, си го повлекол барањето.
Фирмата Сол груп 5 не кажува што ќе гради на парцелата.
Добива ли Артан Груби преголема моќ?
Вицепремиерот Артан Груби воопшто не е „замрзнат“. Игра фудбал и кошарка во кабинет, дели вратоврски и маици на новинари, го велича лидерот Али Ахмети и добива нови функции.
Додека Обвинителството и Антикорупциската комисија истражуваат дали има прекршувања на законите во постапката за проектот за изградба на коридорите 8 и 10, првиот вицепремиер Груби доби нова улога – координатор на активностите поврзани со проектот, вреден 1,3 милијарди евра.
Повеќе на РСЕ








