Повеќе пари за помалку производи. Кафеаните стануваат луксуз. Поради поскапувањата, граѓаните го стегаат ременот. Купуваат само она што им е неопходно и бираат поевтини брендови. Другото ќе почека. Цените се зголемени за 17 отсто, а приходите од ДДВ само 1 отсто во првите два месеци од годинава.

Ако граѓаните лани купувале поскап шампон или кашкавал, сега ги бираат поевтините брендови или ги чекаат на попуст, па дури и тие чинат повеќе отколку што поскапите чинеле лани, велат трговците. Трошоците за живот во февруари годинава биле за скоро 17 отсто повисоки од истиот месец лани. Поради тоа, граѓаните се откажуваат од работите што не им се неопходни. Угостителите велат дека има осетно намалување на бројот на гости во кафеаните. Цените кај нив се за 15 отсто повисоки од лани.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека граѓаните во трговијата потрошиле повеќе пари од лани, но купиле помалку производи. Во трговијата со храна се потрошени за 15 отсто повеќе пари од лани, а во трговијата со непрехранбени производи 4,5 отсто повеќе, но тие вредат помалку од лани.

„Купувам само килограм по килограм. И тоа со лажица мерам, верувајте ми. Нè уништија веќе.“

„Одењето во ресторан стана луксуз. Самата криза и поскапувањата што ни се случија си го направија своето. Многу ретко човек да се одлучи да седне во кафеана, па дури и да седне на пијачка, а не пак да јаде“, велат анкетираните граѓани.

Повеќе на РСЕ