Политичката коректност и пристојна комуникација меѓу пратениците одамна не е случај за македонското Собрание. Наместо аргументирана дебата, говорницата се користи за меѓусебни навреди и обвинувања. Професорката од Правниот факултет Ана Павловска-Данева вели дека на граѓаните им се потребни свежи идеи и конкретни мерки за подобар живот, а не лични пресметки.
Лични навреди и дискредитации, јавно читање на доверливи психијатриски извештаи, обвинувања за лаги и манипулации. Вчерашното ниво на комуникација во собраниската сала е уште еден од низата примери како изгледа една седница со пратенички прашања во македонското Собрание.
Политичката нетрпеливост и отсуството на дијалог меѓу пратениците од власта и опозицијата не ретко преминува и во говор на омраза.
Па така пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки побара разрешување на министерката за обрана Славјанка Петровска откако претходно читаше извештај од психијатриско вештачење на Петровска и кажа дека секој ден пиела седативи.
„На министерката за одбрана согласно извештајот од специјалист психијатар цитирам „и се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалено внимание и концентрација и проблеми во мислењето, збунета е и конфузна. Има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите напори што претходно ги извршувала“. Покрај оваа состојба на намалени когнитивни функции на министерката и е препишана и седативна терапија, односно 3 месеци е под седативи“, рече Ковачки од собраниската говорница.
Петровска изјави дека извештајот е одраз на тоа како таа се чувствува поради како што рече, претходно изнесените лаги од Ковачки.
Повеќе на РСЕ









