Владата најави дека ќе ги замрзне цените на дел од овошјето и зеленчукот. Земјоделците порачуваат дека во таков случај, државата ќе треба да помогне во трошоците за производство. Граѓаните се жалат на високите цени, но според Министерството, нив ги креваат маржите на трговците и откупувачите.

Земјоделците не се против замрзнувањето на цените, но во случај на таква одлука бараат државата да им помогне во производството.

Откако Владата најави дека ќе ги следат и цените на овошјето и зеленчукот, од Асоцијацијата на земјоделци велат дека во случај на замрзнување на цените, Владата треба да интервенира за да помогне во трошоците на земјоделците при производството.

„Само на тој начин може да се согласиме да има замрзнување и цените да бидат уште пониски во државава, но замрзнувањето на цените не смее да биде на товар на земјоделците, туку на товар на државата затоа што ние вложуваме во производството“, вели Перо Стојковски, претседателот на Асоцијацијата на земјоделци.

Цените на овошјето и зеленчукот во межувреме и натаму растат. Во моментов кромидот достигна цена од 80 денари по килограм. Килограм краставици се околу 100 денари, а доматите околу 140 денари.

Повеќе на РСЕ