Учебната година за три месеци ќе заврши, а учениците се уште немаат добиено учебници по англиски јазик. Ниту учебниците за трето и шесто одделение по новата програма за следната година не стигнаа до учениците. МОН најавува нов закон, но наставниците се сомневаат дека тоа е решение.
Учебникот по историја во кој беа откриени низа грешки во лекциите се уште не е повлечен. Ваквите пропусти, но и многу други што се појавија годинава, МОН планира да ги решава со нов закон за учебници.
Она што е предвидено да се постигне со новиот закон е да се скратат роковите за да нема доцнење на учебниците, но и да се постават повеќе филтри при изработка и одобрување на содржината на учебниците.
„ Ќе се внимава на грешки и нелогичности, како и на тоа да нема навредливи содржини од родов или било каков друг аспект. И затоа, законското решение ќе треба да ги стимулира, особено професорите од педагошките факултети и експертите, да се вклучат во процесот“, велат од МОН.
Изработката на законот е се уште во почетна фаза. Се прибираат предлози и забелешки од експертите. Министерството очекува наскоро да биде објавена и првата нацрт верзија.
Повеќе на РСЕ









