Телата на убиените во синоќешната престрелка во Старата скопска чаршија се предадени на обдукција, а полицијата презема мерки за расчистување на случајот што ја вознемири јавноста. Според професорот за безбедност Стефан Буџаковски, само навремено и ефикасно дејствување на безбедносните служби може да не заштити од организиран криминал и вооружени пресметки меѓу криминалните банди
Двајца мртви и еден ранет, кој е пуштен на домашно лекување. Ова е исходот од синоќешната престрелка во угостителски објект во Старата скопска чаршија.
Како во филмска сцена, пет лица облечени во црна облека со фантомки од огнено оружје пукале кон Ј.К. (37), Е.И. (28) и кон А.Т. (34) од Скопје. Првите двајца починале на местото на настанот, додека третиот бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош.
Од Министерството за внатрешни работи денеска соопштија дека по увидот од страна на јавен обвинител, телата се веќе предадени на обдукција. Јавното обвинителство соопшти дека засега се обезбедени и подигнати траги и материјални местото на настанот и се предадени на вештачење.
„Обезбедени се снимки од видео надзорот на самиот објект, на околните објекти, како и на системот „Безбеден град“, кои детално ќе бидат проверени. Јавниот обвинител издаде наредба да бидат извршени разговори со повреденото лице, со неколку други лица кои биле присутни во угостителскиот објект за време на настанот, како и со други лица кои би можеле да имаат некакви сознанија за инцидентот“, се вели во соопштението на ОЈО.
Автомобилот со кој најверојатно избегале сторителите, бил опожарен на патот кон Горно Оризари, потврдуваат од полицијата.
Повеќе на РСЕ









