Навреди, клевети, обвинувања за криминал и семејни квалификации, кои се главна тема за дискусија на собраниската седница за реконструкцијата на Владата, се показател за политичка некултура и опаѓање на квалитетот на парламентниот состав, велат поранешни пратеници за РСЕ.
Демонстративното напуштање на Собранието на пратеничките на владејачката СДСМ по како што велат, сексистичките изјави на нивниот колега од опозициската ВМРО-ДПМНЕ е само „јагода врз шлагот“, по неколку неделните партиски препирки на седниците наменети за дебата за реконструкција на владиниот кабинет.
Од навреди кои алудираат на машкоста на премиерот до тоа дали пратениците користат дрога, преку мерење на интелигенција па до семејни врски, криминални „групировки“ и говор на омраза. Ова е само дел од темите за кои се надвикуваа пратениците во изминативе десетина дена од собраниската говорница, додека јавноста чекаше да бидат избрани новите министри кои треба да ги вратат во функција обезглавените министерства.
Пратениците во своите говори се ужаснуваат од репликите на своите колеги опоненти, ама во исто време возвраќаат со иста мера, па дури и во стилот на детската позната фраза „ Кој си вика за себе си вика“.
Повеќе на РСЕ










