Дојави за бомби и денеска ги испразнија училиштата. Овие досега лажни аларми предизвикаа хаос во образованието. Учениците губат настава, наставниците мака мачат да ја надоместат, родителите револтирани од целокупните состојби.

„Аман веќе со дојавиве за бомби, како ќе се организирам сега, треба да го земам детето, да излезам од работа“, ова е реакцијата кај многу од родителите кои утринава повторно добија повик од училиштата да ги земат децата поради дојава за бомба. Секојдневни евакуации, антитерористички проверки и губење на часови, ваква е секојдневната слика во голем дел од училиштата изминативе пет месеци.

Според проценките на Сојузот на средношколци само во првото полугодие 10 недели немале настава, а во училиштата каде има почесто дојави, се губат и 3 од 5 работни дена.

Министерството за образование од денеска препорача во случај на дојава да се организира онлајн настава, што го отежнува секојдневието на родителите. Дел од нив се оставени сами на себе да се снаоѓаат и организираат како да ги земат од училиште. Марина од Скопје, родител на третоодделенец во едно од скопските училиште вели дека целата ситуација сите ги изместува од колосек.

„Во изминатиов период се снаоѓавме кој како може во периодот од 10.30-.11.30, кога бевме информирани да дојдеме да си го земеме детето, и останатиот дел од денот кој што ни е работен, доколку немаме кој да ни го чува детето, треба да бараме разбирање од работа, некој ако може да работи од дома, некои пак мораат и ден од одмор да земаат и навистина е многу тешко за организација кај многу родители“, додава Марина.

Повеќе на РСЕ