Податоците на граѓаните беа и се безбедни, ниту се одлеани, ниту биле украдени, гарантира директорката на ФЗО Магдалена Филиповска Грашкоска. Во тек е истрага за сајбер нападот, па детали околу бараниот откуп и дали бил исплатен не откриваат.
Истрагата ќе покаже кој е виновен за сајбер нападот врз Фондот за здравство, беше накусо одговорот на една од директорите на Фондот Магдалена Филиповска Грашкоска. Таа демантираше дека бил побаран милионски износ за откуп, но не одговори на прашањата -колку пари им биле побарани за откуп, дали платиле за да биде вратен системот во нормала, но и дали нападот е од дома или странство.
Од ФЗО во изминативе две недели молчеа за каков напад се работи и до денеска никој од првите луѓе на Фондот воопшто не се појави во јавност да одговори на мноштвото прашања од граѓаните за блокираните исплати.
Малку повеќе информации откри само премиерот Димитар Ковачевски кој потврди дека се работи за „ransomware“, односно напад со уцена. „Ransomware“ е малициозен софтвер кој се користи за шифрирање на податоците и блокирање на пристапот до нив, по што бара се откуп за тие да бидат вратени.
Повеќе на РСЕ










