На тие луѓе таму да не си им во кожа, вели еден граѓанин дојден да донира за настраданите од земјотресот во Турција на пунктот за донации на Плоштадот Македонија во Скопје. Владата веќе испрати спасувачки тимови, Црвениот крст отвори телефонски броеви за донации, а многу општини најавија помош.

Ќебиња, топла зимска облека и обувки, пакети со конзервирана храна и хигиенски производи почнаа да носат граѓаните на пунктот за донации на плоштадот Македонија во Скопје за помош на настраданите од катастрофалниот земјотрес во Турција. Пунктот го отворија турски студенти кои студираат во Македонија. Голем број граѓани се одзваа на повикот, со надеж дека помошта ќе стигне до оние на кои сега им е најпотребна.

„Секој да дојде само со една трошка, колку капка од магла, ќе помогне. Само да се свесни луѓето и да дојдат, или да пратат порака за донација. На тие луѓе таму да не си им во кожа“.

„Во вакви моменти најважна е солидарноста. Без солидарност ништо. Гревота се луѓето, колку има повеќе од 5 илјади, 10 илјади. Се надевам дека барем толку колку што можеме, минимално да помогнеме да ја поминат зимата“, рекоа граѓаните што ги затекнавме како донираат.