Затворени улици и многу полиција околу местото каде е погребан револуционерот Гоце Делчев, на годишнината од неговото раѓање. Гробот во црквата Свети Спас ќе го посетат делегации од Македонија и организирана група граѓани од Бугарија. Ќе успее ли МВР да обезбеди достоинствено чествување?

На денот кога се одбележува 151-годишнина од раѓањето на Гоце Делчев, полициското присуство е засилено во обид да се спречат инциденти, поради најавата за присуство на бугарски граѓани на чествувањето во време на затегнатите односи меѓу Скопје и Софија.

Гоце Делчев и Македонците и Бугарите го сметаат за свој национален херој.

Гробот на Делчев, во црквата Свети Спас во скопската Стара чаршија ќе го посети владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски. Цвеќе ќе положи и претседателот на државата, Стево Пендаровски. Токму тој, оцени дека ова е настан од висок ризик, по седницата на Советот за безбедност на 23 јануари.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на 28 јануари најави дека на 4 февруари цел ден ќе организира „херојска стража“ на гробот на Делчев. Потоа лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, повика на мирно и достоинствено чествување на годишнината, а доколку има инциденти, тоа ќе биде грев на Владата и на Министерството за внатрешни работи, вели тој. Mицкоски ќе го посети гробот на Делчев рано на 4 февруари.

Официјални претставници од Бугарија досега не се најавени, но своето доаѓање го најавија бугарски граѓани, кои организирано ќе дојдат од Софија.

Повеќе на РСЕ