Високата стапка на инфлација, од 18,7%, најмногу ќе ги погоди ранливите категории граѓани, оти тие најголемиот дел од парите го трошат за храна, велат економистите. Во економската „бура“ која ни се случува, сиромаштијата ќе се продлабочува, прогнозираат аналитичарите.

Од еден маркет во друг. Од една продавница до друга во која кашкавалот или јогуртот се поевтини за неколку денари. Пензионерката Лилјана Настева пешачи и по неколку километри кога треба да го наполни фрижидерот со храна. Таа вели дека не и е сеедно дали некој производ е десетина денари поевтин или поскап. Пред да оди да пазари редовно ги споредува цените и е убедена дека колку толку, успева да заштеди.

„Ако производот го купуваш само еднаш, ајде па да не внимаваш, ама ако редовно го купуваш истиот, тогаш не е сеедно дали е неколку денари поевтин или поскап. Ќе прошетам, ќе ги разгледам убаво цените и ќе отидам до продавницата или маркетот каде што ми се поевтини продуктите што ги користам“, вели Настева.

Со список во рака на кој се напишани продуктите што треба да се купат, пред Зеленото пазарче во Скопје ја сретнавме Лидија Симиџиоска. Таа вели дека се почесто се враќа дома со половина од производите што се наведени на списокот. Раскажува дека го купува само она што најмногу и треба, бидејќи високите цени не и дозволуваат да купи се што ќе посака.

Повеќе на РСЕ