Милиони евра годишно се излеваат од земјава низ коруптивни канали. Ако државата ревносно ги „затнува тие одводи“ ќе останат пари доволно за изградба на нов Клинички центар или пруга до Бугарија, децениски ветувани неизградени проекти.
Корупцијата годишно јаде 5 проценти од светскиот бруто домашен производ или за илустрација колку вкупната вредност на светските гиганти Гугл и Амазон. Оваа слика ја даваaт истражувањата за корупцискиот индекс на Глобалниот корупциски барометар. Ако ваквиот светски просек се обидеме да го пресликаме на ниво на Македонија тоа би значело дека корупцијата во земјава се „засладува“ со најмалку 600 милиони евра годишно, или речиси колку што чинеше изградбата на проектот „Скопје 2014 “.
Со тие пари за една година ќе можеше да се изгради долго ветуваниот Клинички центар. Веќе 30 години во сите изборни програми политичките партии ветуваат дека само што не почнале со градба на нов Клинички центар.
Изградба на современ медицински центар ветуваа сите министри за здравство од Бујар Османи, па Никола Тодоров, Арбен Таравари, Венко Филипче до сегашниот Беким Сали.
За три децении два ГУП-а и една дупка што стана паркинг
За три децении беа сменети два Генерални урбанистички планови во кои беа исцртани плановите за нов Клинички центар, но на терен беше ископана само една дупка, која последната власт ја претвори во паркинг простор.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ вети нов Клинички центар уште во 2011 година, а во 2014 тогашниот премиер Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров сечеа црвена лента за да го означат почетокот на градбата.
Пред да замине од власт ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, потпишаа договор со градежни фирми и италијанска компанија за негова градба на местото на сегашниот во вредност од 72 милиона евра. Од тој план се ископа само дупка на местото на старата Клиника за гинекологија.
Повеќе на РСЕ








