Пандемијата со Ковид 19 не е завршена, но лекарите велат дека грипот и другите вирози се во фокусот, а ковидот останува како придружна инфекција. Загадениот воздух го засилува ширењето на респираторните вируси. Во Европа се размислува за нови мерки за патниците од Кина, поради нов бран инфекции.

Ако во изминатите две години, ковид пандемијата беше меѓу главните теми околу новогодишните празници, годинава ковид скоро и да не се споменува, на сметка на грипот и сезонските настинки. Одредени мерки за заштита од овој вирус се уште се на сила, но ретко кој ги почитува. Како на пример носењето маска во јавен превоз или во аптека. Сепак, во време кога Европа се координира за мерки поради новиот бран ковид инфекции во Кина, останува отворено прашањето дали навистина се гледа крајот на пандемијата.

Одговори побаравме кај оние кои скоро три години беа на првата линија на фронтот – здравствените работници.

На Клиниката за инфективни болести, периодов е мал бројот на пациенти кои се лекуваат од Ковид 19. Како што појаснува директорката, Милена Стевановиќ, се работи за по десетина пациенти дневно кои се прегледуваат во нивната амбуланта, и исто толку хоспитализирани. И тие кои лежат во болница главно се лица со хронични болести, па ковидот ја комплицира примарната болест кај овие пациенти.

На прашањето дали уште треба да сме загрижени за пандемијата, Стевановиќ е претпазлива.

Повеќе на РСЕ