Рокот за користење поевтина струја од декември по цена од 95 евра по мегават час наместо по 400, го пропуштија третина од училиштата во земјава. За министерот Бектеши причина е „неспособноста на тие што раководат со тие институции“. Оние што не аплицираа, се жалат на комплицирани постапки.

Тетовското основно училиште „Братство Миѓени“ е меѓу 165-те училишта во земјава кои не аплицираа за мерката за користење поевтина струја до крајот на април, односно додека трае кризната состојба во земјава.

Од вкупно 474 јавни основни и средни училишта, за снабдување со субвенционирана електрична енергија преку ЕСМ Продажба се пријавиле 309 училишта, кои од 1 декември користат поевтина струја, покажува статистиката на ЕСМ. Останатите, или воопшто не аплицирале, или имале нецелосна апликација.

Како што појаснува директорот на тетовското училиште, Риза Етеми, ним најголем проблем им била апликацијата, но и што да прават во меѓупериодот – откако ќе го стават во мирување договорот со сегашниот снабдувач Фјучр Енерџи преку кој добиваат струја, па се до моментот кога ќе бидат префрлени на поевтината струја од ЕСМ.

Повеќе на РСЕ