Поранешни и актуелни функционери, иако обвинети или осудени се уште се на слобода, бидејќи процесите против нив траат долго. Меѓународната заедница повикува на позасилена борба против корупцијата. Владата ветува мерки. Но практиката засега не ги следи ветувањата и очекувањата на граѓаните.
По шест години откако тогашното Специјално јавно обвинителство – СЈО ја отвори истрагата за случајот наречен „Трезор“ за набавката на опрема за прислушување, Апелациониот суд ги поништи пресудите за обвинетите лица. Случајот кој траеше со години сега се враќа на повторно судење, а клучниот обвинет, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков иако е осуден на над 20 години затвор за неколку предмети кои се водеа против него, се уште е на слобода.
Како што е познато СЈО произлезе откако тогашната опозициска партија СДСМ на чело со Зоран Заев ја обелодени аферата со прислушување, што резултираше со протести на таканаречената „Шарена револуција“ која ја урна власта предводена од премиерот Никола Груевски.
Со прислушуваните разговори се отворија наводи за корупција во високите кругови на власта, а нејзиното недемократско постапување ја однесе во опозиција. Очекувањата по формирањето на СЈО беа големи, дека правдата ќе надвладе во Северна Македонија, а одговорните ќе завршат зад решетки.
Повеќе на РСЕ










