За да добиете дозвола за доградба на вашата куќа, потребни ви се документи со кои ќе и докажете на државата дека имотот е ваш, па дури потоа ќе ви треба геодетски елаборат и извод од детален урбанистички план. Во општина за секоја мала измена во градбата на домот ви е потребна дозвола. За еден таков „зафат“ на 35 годишниот скопјанец Дарко Петревски му беа потребни неколку месеци „шалтерски тренинг “ во собирање на документи пред да викне мајстори што ќе му ја реализираат желбата – доградба на втор кат во куќата на татко му.

„Едно седум до осум месеци се шетав на релација општина -катастар за да можам да добијам дозвола за градба. За да можеш да градиш или реконструкција да правиш, мора да ти биде легализирано со имотен лист, без него не помислувај да почнеш да одиш по шалтери“, советува тој.

Имотен лист е правен документ во кој во Агенцијата за катастар се запишува правото на сопственост на недвижности и во него се содржани податоци за големината на земјиштето, објектите изградени на него и нивната намена.

Но, кога станува збор за државниот имот, се чини дека правилата на игра и не важат баш, па дури ни на хартија. На пример, помина речиси една деценија откако започна реновирањето на зградата на министерството за транспорт и врски, но без сите потребни документи. Со години кон споменикот Филип Втори на новиот плоштад во центарот на градот гледаа соголените ѕидови од старата зграда на министерството. За долгогодишниот изглед сведочи и соседната зграда.

Повеќе на РСЕ