Амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Анке Холштајн денеска истакна дека напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија ќе зависи во голема мера и од успешното сузбивање на корупцијата. Ова го изјави за време на предавањето на донација во опрема за потребите на МВР и предупреди дека има многу работа. Притоа потсети дека во пристапниот процес кон ЕУ поглавјето за владеењето на правото е првото поглавје кое се отвора и последно се затвора.
„Во зависност од тоа колку брзо Северна Македонија ќе прави напредок на својот пат кон ЕУ зависи од тоа колку брзо ќе се спроведат реформите. И сите ние сме сложни дека тоа е особено тешка задача која претстои и тоа не се однесува само на политичарите, туку и на сите луѓе кои треба да сфатат дека кога ќе заминат на лекар дека не треба да остават некоја банкнота во неговиот мантил, или пак наставничката треба да знае дека не треба да добие подарок од ученикот за 8 Март за да има подобра оценка. И сите треба да научат, и најмалите и најголемите како се води борбата против корупцијата“, порача амбасадорката.
Повеќе на РСЕ










