За две третини од регистрираниот имот во Скопје не се плаќа данок на имот, зошто Градот нема пристап до податоците на Катастарот, вели градоначалничката Данела Арсовска. Од Агенцијата за катастар велат дека податоците не можат да ги обезбедат бесплатно како што бараат општините. Ниту една Влада до сега не нашла решение праведно за сите граѓани да плаќаат данок на својот имот.

Шеесет проценти од граѓаните во Град Скопје не плаќаат данок на имот, алармира градоначалничката Данела Арсовска. Таа вели дека во овој момент Градот има генерирано 245.000 решенија за данок на имот, додека како што посочува, бројката на вкупен имот регистриран во Агенцијата за катастар на недвижности е три пати поголема.

Проблемот ,според Арсовска, е што град Скопје и општините немаат посебна законска можност за директно преземање на овие податоци од системот на Агенцијата за катастар на недвижности, за да може праведно на сите сопственици на имот да им испорачаат соодветни решенија за данок на имот.

„Разговаравме со Владата да се надмине овој предизвик зошто граѓаните се доведуваат до една ситуација каде што дел од нив се повластени и со тоа се избегнува праведно и правично оданочување. Две третини од сите сопственици на имот во рамки на градот не се регистрирани за да може да им се испорача соодветно решение“, вели Арсовска за Радио Слободна Европа.

Повеќена РСЕ