Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, својата посета на Латвија ја заокружи со средба со неговиот колега, министерот за надворешни работи на Латвија, Едгарс Ринкевичс, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението на МНР на Северна Македонија, на средбата Османи ги поздравил континуираните заложби на Латвија која е дел од Групата пријатели за проширување за одржување на динамиката во процесот на проширувањето на ЕУ, заблагодарувајќи се за принципиелната поддршка од официјална Рига за европската перспектива на земјата.

„Eвропската идеја на Балканот ќе биде заокружена само доколку процесот добие вистинска валоризација преку интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија“, порача Османи, брифирајќи го соговорникот за активностите поврзани со тековниот скрининг-процес, како значајна фаза во процесот на пристапните преговори со Унијата.

Меѓу другото, Ринкевичс повтори дека Латвија останува силен поддржувач на Северна Македонија, охрабрувајќи ја Северна Македонија да продолжи со реформите и посветено да ги зајакнува капацитетите како клучен елемент за успешноста на пристапните преговори.

Ринкевичс истакна дека Рига високо го цени усогласувањето на Северна Македонија со санкциите на ЕУ како одговор на руската инвазија на Украина, со очекување дека поддршката и соработката ќе продолжат и понатаму.

Двајцата министри се согласиле дека во услови на нарушена европска безбедност и зголемување на ризиците од аспект на стабилност и безбедност, како резултат на руската инвазија на Украина која трае веќе цели осум месеци, неопходни се мудри одлуки, единство и солидарност меѓу сите чинители.

Османи и Ринкевичс заедничко заклучиле дека сојузништвото и обединетоста во НАТO се од примарно значење.

„На средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на економските релации меѓу двете земји, како и за мултилатералната соработка, особено во светло на претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ следната година“, се наведува во соопштението.

Двајцата министри потпишаа Меморандум за разбирање меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Република Латвија, кој ќе овозможи поблиска соработка на експертско ниво.​​​​​​​​​​​​​​