Ако во моментов сметката на едно домаќинство за струја изнесувала 2645 денари, поради покачувањето на ДДВ-то за 5 отсто од 1 јануари истата би била повисока за 117 денари, според пресметките кои ги направи РСЕ.

Македонските граѓани, извесно е дека од 1 јануари наредната година, ќе плаќаат повисоки сметки за струја поради најавеното покачување на данокот на додадена вредност – ДДВ од 5 на 10 отсто. Според пресметките кои ги направи РСЕ, сметките би биле повисоки за 4 до 5 проценти во зависност од тоа колку граѓаните трошат струја. Доколку се зголеми и цената на струјата, покачувањето ќе биде уште повисоко.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека мора да има одредено покачување на цената на струјата, а зголемувањето на ДДВ за електричната енергија од 5 на 10 отсто е само една од ставките во конечната цена која ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

„Свесни сме дека енергетската криза е тука и дека мора да има одредено покачување на цената на електричната енергија, но да биде колку што е можно поблаго за да се намали ударот кај граѓаните. Сметам дека тоа е императив за Владата“, посочи Битиќи.

Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски потоа потврди дека комисијата и да не донесе промена на цената на струјата, само врз основа на ДДВ-то, ќе се зголеми трошокот на граѓаните за електричната енергија.

Повеќе на:РСЕ