Сите проекции и ветувања „ќе паднат во вода“ после неколку месеци, кога ќе има повторно ребаланс и ќе се видат ефектите од овие проекции, коментираат економисти за РСЕ. Според нив, новиот буџет кој тежи 5, 3 милијарди евра е креиран според потребите, а не според можностите.

Буџетот кој годинава е проектиран за рекордни 5, 3 милијарда евра е направен според потребите, а не според можностите, коментираат економистите. Според нив во време на енергетска криза и висока инфлација речиси е невозможно да се остварат проекциите за буџетот за наредната година.

„И овој Буџет е креиран според потребите на државата, а не според можностите, односно планираните приходи, поради што произлегува стандардното дефицитно буџетско финансирање, односно потребата од ново нето задолжување. Прибирањето на приходите ако продолжи трендот на висока инфлација веројатно ќе го помогне нивното собирање, но поголеми ефекти би имало ако навистина се прибираат приходи од сегментот на сива економија, односно ако се спроведуваат политики и мерки за опфат на неоданочените економски субјекти и граѓани“, коментира економскиот аналитичар Павле Гацов.

Со оглед на постојните инфлаторни движења номинално може да се полни проектираниот буџет, но со оглед на растот на инфлацијата прашањето е колку реално ќе биде буџетот потежок, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

„Донесувањето на буџетот се користи исклучиво за популистички, пропагандистички, партиски и демагошки цели. Се тврди дека буџетот ги поддржува реформите и е ориентиран кон евроинтеграциските процеси, а се премолчува состојбата и проблемите поврзани со расходите на буџетот. Се најавуваат заштеди, ама не кажуваат колку и од каде ќе скратат и какви ќе бидат ефектите од скратувањата. Дури и тие пари кои се наменети за јавни расходи, немаат капацитет да се користат за тоа, туку стојат на сметките на институциите и на крај со ребалансот се пренаменуваат за потребите на тековните расходи на државата“, вели Хајредини.

Инаку, расходната страна на буџетот за следната година е предвидено да изнесува 5,28 милијарди евра, а приходите е предвидено дека ќе бидат 4, 58 милијарди евра.

Повеќе на РСЕ