Намалувањето на цените на струјата за фирмите за основни прехранбени производи ќе донесе поевтинување на храната, но нејасно е дали ќе биде 10 отсто колку што очекува владата. Министерот за економија се закани со замрзнување на цените ако фирмите добијат поевтина струја, а не ја поевтинат храната.

Ако руската блокада на извозот на украинско жито не ги поремети многу берзанските цени на пченицата, наредниот месец лебот би требало да поевтини за 10 проценти, откако Владата одлучи за неколку пати да ја намали цената на струјата за производителите на основни прехранбени производи. Одлуката ќе почне да важи од 1 декември.

Горан Малишиќ од Групацијата на Мелничко-пекарската индустрија се надева дека таква одлука ќе допринесе за значајно поевтинување на лебот.

„Во еден ден се качи пченицата за 25 евра по одлуката на Русија да се повлече од договорот за дозвола на извоз на украинско жито преку Црното Море. После одреден период, кога ќе се стабилизираат цените, се очекува намалување за 10-тина проценти“, вели Малишиќ.

Русија вчера се повлече од Договорот за дозвола на извоз на жито од Украина преку пристаништата на Црното Море и ја врати поморската блокада. Цената на пченицата на светските берзи порасна за 6 проценти во еден ден, со оглед на тоа што Украина е еден од најголемите извозници на житни култури.

Цената на лебот во изминатата година речиси се удвои. Според државната статистика, храната поскапела за скоро 30 отсто, а лебот и житата за скоро 48 отсто, но впечатокот во маркетите е дека поскапувањето е уште поголемо. Просечната цена на обичен бел леб е околу 50 денари, додека лани беше двојно поевтин.

Повеќе на РСЕ