Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во Варшава со државни и воени почести беше пречекан од претседателот на Полска, Анджеј Дуда, со што започна неговата дводневна официјална посета на оваа земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението на претседателскиот Кабинет, Пендаровски остварил тет-а-тет средба со Дуда, на која биле потврдени искрените пријателски односи и плодниот политички дијалог меѓу двете држави.

„Теми на средбата беа македонските европски интеграции, партнерството во НАТО, војната во Украина и последиците од неа, како и глобалната економска и енергетска криза“, се вели во соопштението.

Се истакнува дека во рамки на официјалната посета е предвидено Дуда да го одликува Пендаровски со највисокото полско одликување, Орден на Белиот орел, додека Пендаровски ќе го одликува Дуда со Орденот „8 Септември“.

Според соопштението, Пендаровски ќе оствари средба и со премиерот на Полска, Матеуж Моравјецки, а заедно со претседателот Дуда попладне ќе присуствува и ќе се обрати на средба со претставниците на полските комори и бизниси и македонските претставници од бизнис-секторот.