Во владата велат дека големите фирми, кои набавуваат струја на слободниот пазар, со години плаќале два до три пати поевтина струја од оние на регулираниот пазар. Наместо за тоа време да си прават фондови за криза, сега бараат помош, велат во владата.

Владата очекува добри вести за струјата од шефицата на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен, која в среда доаѓа во посета на Скопје.

Големите фирми, кои набавуваат струја на слободниот пазар во изминатите месеци се жалат дека не можат да издржат да плаќаат толку високи сметки и бараат владина помош за да не затворат и да не отпуштаат работници. Берзанските цени на струјата оваа година се 5 до 7 пати повисоки од изминатите години. Претседателот на Македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев на почетокот на овој месец рече дека голем број од фирмите во индустријата не можат да ги издржат овие цени и затоа бараат помош од владата.

„Ако овие компании почнат да затвораат, а таму работат наши граѓани коишто треба да плаќаат сметки. Ако тие не земат плата, дури и малите сметки коишто се значително субвенционирани, нема да може да ги платат“, рече Анѓушев.
Владата побара европска помош за да може да им помогне на овие фирми.

Министерот за економија Крешник Бектеши минатата недела рече дека се надева Фон дер Лајен да ја објави помошта за Македонија за справување со енергетската криза. Се очекува Европската унија да одвои една милијарда евра помош за земјите од Западниот Балкан за справување со енергетската криза.

Владата од домашно производство обезбедува поевтина струја за домаќинствата и за околу 70 илјади мали компании кои се на регулираниот пазар. Околу 1.360 големи фирми набавуваат струја на слободниот пазар.

Повеќе на РСЕ