Над 600 илјади евра се потрошени за привремените материјали за основците кои следат настава по новата концепција. Парите се заем од Светска банка, кој ќе треба да се врати. Според најавите на надлежните, новите учебници треба да бидат готови до крајот на овој или следниот месец.

Државата преку заем од Светска банка одвоила 640 илјади евра за речиси 75 илјади привремени учебници за учениците од прво, второ, четврто и петто одделение бидејќи на 1 септември не беа готови нивните нови учебници. Па така, додека да минат процедурите и тендерите за печатење, од Министерството за образование одлучија да испечатат материјали за учење, односно една книга во која се споени делови од различни предмети, за четири генерации, односно за сите основци што учат по новата концепција.

Печатењето и дистрибуцијата на привремените учебници одело преку две фирми – Печатницата Европа 92 и Тримакс, наведуваат од МОН во одговор обезбеден преку правото на пристап за информации од јавен карактер. Испечатени биле вкупно 74.207 примероци по цена од 39.491.798 денари со ДДВ (околу 640 илјади евра). Ова практично значи дека привремениот учебник во просек чинел по 532 денари, печатен во боја и со по педесетина страници.

Повеќе на РСЕ