Пратенците едногласно ги поддржаа изменувањата на законите кои предлагаат дистанцирање од фашизам и нацизам и кај здруженијата и кај партиите. Со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за измени на Законот за здруженија, се доведуваат во прашање имињата на бугарските здруженија и клубови, кои се именувани според спорни историски личности. СДСМ, пак, поднесе предлог-измени на Законот за политички партии, за да се „зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот, нацизмот и национал-социјализмот“.

Пратениците со 84 гласа „за“ и без ниту еден против или воздржан денеска дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ.

„Последниве седум месеци сме сведоци на отворање т.н. културни клубови под називи на контроверзни личности, нацисти и фашисти. Со овој закон би требало да се стави крај на отворање вакви здруженија и фондации“, рече Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ која го образложи предлог законот.

Бугарските здруженија во земјава „Иван(Ванчо) Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ и истоимените клубови ќе имаат рок од три месеци да го променат името или ќе бидат избришани од Централниот регистар, предвидува предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за измена на Законот за здруженија.

Здружението во најава „Цар Фердинанд“, кое треба да се формира во Богданци, пак, можеби нема да добие „амин“, ако се донесат измените што ги предлага опозициската партија.

ВМРО-ДПМНЕ најави измени на Законот за здруженија на 7 октомври, кога во Охрид се отвори бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“.

Повеќе на РСЕ