Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, упати порака со сочувство по повод трагичната рударска несреќа во северната турска област Бартин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во експлозијата што се случи синоќа во рудникот за јаглен во Амасра, Бартин, животот го загубија 41 рудар.
„Изразувам искрено сочувство до претседателот Ердоган, семејствата на рударите и турскиот народ, за страшната трагедија и загубените животи во рудникот за јаглен во провинцијата Бартин“, истакна Пендаровски преку социјалната мрежа Твитер и им посака брзо закрепнување на повредените.

По повод несреќата, порака со сочувство до својот турски колега Мевлут Чавушоглу упати и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
„Со жалење разбрав за експлозијата во рудникот во Бартин во која животот го загубија над 40 луѓе. Мое најдлабоко сочувство“, напиша Османи на Твитер и посака брзо оздравување на повредените и извлекување на сите затрупани рудари.









