Потребите на пазарот на трудот се менуваат, а покрај недостигот на соодветен кадар и македонските фабрики се чекор назад во процесот на целосна дигитална трансформација. Во земјава е слаб интересот за изучување роботика, автоматика, мегатроника и слично. Оние пак кои ги завршуваат овие струки, ретко остануваат дома, зошто нема каде да го применат соодветното знаење.
Шеесетина. Толку студенти во просек секоја година се пријавуваат на насоката компјутерско-системско инженерство автоматика и роботика на Факултетот за електроника и информациски технологии (ФЕИТ). Владимир Китановски е еден од нив. Студент е на трета година и е оптимист дека по завршување на образованието ќе си го најде посакуваното работно место, тука во Македонија.
„Доброто е што целата тематика која се обработува на оваа насока (КСИАР) е дека е навистина применлива секаде. Роботиката е област која станува се поприменлива во сите сфери на технологијата и општеството. Дури и на некои места во индустријата каде навидум нема потреба за автоматика и автоматско управување, секогаш може да се отвори таа можност. Но не само роботиката туку и кибернетиката, управувањето и самоуправувањето на системите е нешто кое се повеќе го среќаваме во секојдневниот живот, од најмалите апарати дома, па се до сложените системи во медицината или во воената индустрија “, вели Китановски.
Деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски вели дека интересот за изучување на роботиката и електрониката е сѐ помал, иако пазарот на трудот го бара спротивното.
„Праксата покажува дека тоа не е доволно. Особено поради тоа што многумина од нашите студенти заминуваат во странство бидејќи нашите фабрики се уште не се целосно дигитално трансформирани. Нашата индустрија ќе мора да се прилагодува на четвртата индустриска револуција, односно индустријата 4.0“, вели Ташковски.
Индустрија 4.0 значи целосна дигитална трансформација за фабриките и компаниите кои се многу поинтелигентни, ефикасни и продуктивни. Употребата на новите технологии како што се роботика, нанотехнологија, квантно пресметување, 3Д печатење, автономни возила итн имаат за цел во голема мера да ги заменат традиционалните процеси.
Повеќе на РСЕ











