Само Црногорците плаќаат повисоки сметки за струја од македонските граѓани. Само во Албанија се плаќа поскапо за пренос и дистрибуција на струја отколку во Македонија. Најниски сметки плаќаат жителите на Косово.
Македонските граѓани плаќаат едни од најскапите пренос и дистрибуција на струја во регионот. Во земјава, повеќе чини да ви ја донесат струјата до дома, отколку самата струја. Според јавно достапните податоци од регулаторните комисии за енергетика, само Албанија плаќа повисока мрежарина.
Македонските граѓани исто така плаќаат едни од највисоките сметки за струја во регионот. Само Црногорците плаќаат малку повеќе. Косово и Србија имаат најниски сметки за струја.
Прашањето за мрежарината се отвори минатиот месец, откако граѓаните во сметките за струја почнаа да добиваат посебни ставки за цената на струјата, а посебни за цената на преносот и дистрибуцијата. Претходно овие ставки беа пресметани во конечната цена на струјата и граѓаните не знаеја колку точно чинат.
Надоместот за пренос и дистрибуција на струја, односно таканаречената мрежарина, се плаќа за изградба и одржување на преносната и дистрибутивната мрежа, трошоци за отчитување и одржување на мерните места, за помошни системски услуги и балансирање на мрежата, а со тие пари се покриваат и загубите на електрична енергија во мрежата.
Повеќе на РСЕ










