Училиштата во кои години наназад недостасуваат учебници велат дека се снаоѓаат како знаат и функционираат со тоа што го имаат. Родители на основци, кои оваа учебна година не добија учебници, туку привремени материјали, не се согласуваат дека тоа е решение за старт на учебната година.

Додека дел од учениците се жалат дека добиле оштетени учебници кои не можат да се употребуваат, вработени во училиште во Шуто Оризари, за РСЕ велат – нека бидат искинати, ќе ги залепиме, барем да имаме нешто.

Откако добиле генерален допис од Министерството за образование и наука во август, до денеска, велат дека немаат добиено никаков учебник. Па така, новите генерации учат од книгите на минатите, но и тие не се на број бидејќи проблемот се провлекува десет години наназад, па и претходно се случувало да не им стасаат сите учебници.

Се снаоѓаат со печатење, лепење корици и страници на оштетените учебници, кои велат за среќа во нивното училиште не се многу, а и за тие што се оштетени училиштето не барало замена, бидејќи мора да ги користат, какви – такви.

Земаат учебници на позајмица од други училишта и се потпираат на солидарноста, па книги циркулираат меѓу училиштата, инаку, како што велат – ќе нема доволно за сите. За тоа кога ќе им стигнат учебниците кои недостасуваат немаат никаква најава.

Повеќе на РСЕ