Во Сојузот на средношколци ученици пријавуваат дека добиле учебници кои се неупотребливи, а се очекува да учат од нив. Пред нашата камера, дел од нив ги прелистуваа и составуваа делови од примероците кои се „распаѓаат“
Ученици пријавуваат дека добиваат многу оштетени учебници кои речиси и не можат да ги користат, а во најлош случај, недостасуваат и делови од учебниците или воопшто немаат учебници за одделни предмети, алармираат од Сојузот на средношколци.
Дел од нашите следбеници на Инстаграм ни испратија фотографии за да ја видиме состојбата на учебниците.
Тројца средношколци ги покажаа нивните учебници пред камерата на РСЕ.
„Јас имам учебник од кој изгледа само во второ полугодие ќе треба да учам. Од 141-ва страница почнува. Така што, топ! Ќе одмарам во прво полугодие“, изјави средношколката Теодора Томашевска за РСЕ.
Ако учебниците се стари со децении, не може ни да се очекува да се во добра состојба, заклучи средношколецот Леонардо Змајшек.
„Генерацииве пред нас, колку може да ги оштетат? Секоја една до друга, ама ако не ги смениме 30 години учебниците, не знам што очекуваме“, вели Змајшек за РСЕ.
Некои од книгите се исти како оние од кои учеле нивните сегашни професори, истакнаа младите.
„Баш денеска зборувавме со професорот по математика, нешто споменавме за филозофија. Побара да го види учебникот, и вели: ‘Еј, па истиот е. Можеби веројатно нешто е сменето, некоја содржина, ама истиот учебник е’“, вели средношколката Иларија Димулкова за РСЕ.
Повеќе на РСЕ










