По информацијата дека е извршен хакерски напад врз интернет страницата на Министерството за образование и наука, од ресорното министерство тврдат дека хакерскиот напад не нанел никаква штета бидејќи на веб страната не постојат заднински бази на податоци

Веб страницата на Министерството за образование беше цел на хакерски напад. Неколку часа на веб страницата на ова министерство стоеше пораката „Хакирано од грчкиот хакерски тим Netwatchers“. Поради нападот не се отвораше ниту една потстраница на овој сајт, додека сите објавени линкови водеа кон Јутјуб видео со наслов „Позната Македонија “ (Famous Macedonia).

Од Министерството за образование и наука посочуваат дека нема потреба од грижи за наводно преземање на некакви бази на податоци на граѓаните, затоа што на веб страната не постојат такви позадински бази и истата има информативен карактер.

Од ресорното министерство за радио Слободна Европа велат дека се во комуникација со Националниот ЦИРТ центар за компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации каде што е пријавен случајот и од каде очекуваме со поддршка на МВР да се преземат конкретни активности за пронаоѓање на локацијата и изворот на нападите.

„Во меѓувреме ИТ службата на МОН со поддршка од надворешни соработници презема дејствија за зајакнување на безбедноста на веб страницата, по што повторно ќе биде активирана. Нема потреба од грижи за наводно преземање на некакви бази на податоци на граѓаните, затоа што на веб страната не постојат такви позадински бази и истата има информативен карактер“, ни одговорија од МОН.

И пред два дена друга група на социјалната платформа Твитер се закани дека упаднала во веб страницата на Министерството за образование и наука и се закани дека ќе ги преземе податоците доколку на веб страницата не биде поставено бугарското знаме.

Но и покрај ваквата закана, тогаш веб страницата на Министерството функционираше без проблем.

Инаку ова не е првпат сајтот на МОН да се соочува со технички проблеми. Во август не беше достапен вебсајтот на Министерството, додека истовремено под хакерски напад беше системот за електронска поддршка iKnow на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во февруари годинава, веб страните на министерствата за образование, за надворешни работи, на Влада, како и на Народната банка беа „жртви“ на хакерски напади, од луѓе кои на социјалната мрежа Твитер се преставуваа дека се дел од грчка хакерска група „Моќна грчка армија“.

Повеќе на РСЕ