Суспензијата на Русковска нема да се одрази на работата на ОЈО и на Обвинителство со кое таа шефуваше. Постапките продолжуваат со несмален интензитет, велат за РСЕ од Јавно обвинителство. И Финансиска полиција ќе добие нов шеф за да не трпи инситуцијата. Во спорот меѓу двете институции кои се борат со корупција и криминал, настрада нивниот углед.
Владата многу скоро ќе му најде замена на првиот човек на Управата за финансиска полиција, Арафат Мауреми, за да не трпи институцијата, велат од власта. Суспендираната шефица на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска, пак, ќе ја менува обвинител кој со годишен план треба да го менува раководното лице, во случајот тоа е обвинителката Ивана Трајчева. Но и за Трајчева исто така јавниот обвинител во вторникот поведе дисциплинска постапка. Во одговор за РСЕ, јавниот обвинител Љубомир Јовески вели дека иако има постапка за Трајчева, таа може да ги врши сите надлежности на јавен обвинител. Тој додава дека додека Трајчева е на одмор, за тие денови работите ќе ги врши обвинителката Лиле Стефанова. Русковска треба сите предмети со кои е задолжена да ги предаде на Трајчева.
Од Обвинителството на Јовески велат дека ОЈО и Обвинителството за гонење на организиран криминал непречено функционираат и ќе продолжат со постапките без разлика на преземеното против обвинителките.
„Сите предмети ќе бидат времено рaспоредени кај друг надлежен јавен обвинител и по нив постапката ќе продолжи со несмален интензитет“, велат од Основното јавно обвинителство за РСЕ.
Спорот кој тлееше меѓу првите луѓе на Финансиската полиција и на Обвинителството за гонење организиран криминал, проследен со медиумско препукување, и кривични пријави, кулминираше во вторникот кога Јовески поведе дисциплинска постапка против три обвинителки, а Русковска ја суспендираше. Потоа Муареми најави дека се повлекува од функцијата. Тој против обвинителките на 8 август покрена кривични пријави за, како што, наведе, тенденциозен претрес во Управата.
Повеќе на:slobodnaevropa.mk









