Интернет порталот на јавниот сервис ЗДФ пишува дека по „многу години одложување, ЕУ ги отвори пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија”. Порталот ја цитира и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која рече дека „народот на двете земји го заслужи тоа“.

ЗДФ посочува дека „Разговорите” со Северна Македонија не се формално започнати и дека тие ќе можат да се случат „само кога ќе се спроведат уставните измени”.

„Владините конференции за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, всушност, требаше да се организираат во 2020 година. Но, Бугарија ги блокираше неопходните одлуки поради спорот со Северна Македонија. Тоа беше првенствено за толкување на заедничката историја, како и за правата на етничките Бугари во Северна Македонија“, пренесува ЗДФ.

„Договор кој предизвикува многу сомнежи“ – вака гласи насловот што го објави онлајн изданието на Зидојче цајтунг : „Договорот со Бугарија конечно треба да го отвори патот за пристапните преговори со Македонија во ЕУ. Но, приближувањето наскоро би можело повторно да заглави“.

„Во овој процес е внесена малку живост. Парламентот на Северна Македонија во саботата гласаше за преговарачка рамка која треба да го олесни конфликтот со соседната земја и членка на ЕУ – Бугарија. И да се отстрани нејзината блокада. Од 2020 година, Бугарија се противи на почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија – и бара соседната земја прво да го прилагоди своето официјално толкување на историјата – на бугарското.

„На пример, бугарската окупација за време на Втората светска војна повеќе не може да се нарекува фашистичка, а Софија инсистира дека јазикот на Северна Македонија е всушност само дијалект на бугарскиот јазик. Новата преговарачка рамка, која треба да го реши конфликтот и се заснова на францускиот компромисен предлог, предвидува, меѓу другото, Северна Македонија да го промени својот Устав и експлицитно да го признае бугарското малцинство во земјата“, пишува Зидојче цајтунг.

Повеќе на:dw.de