Пратениците и Владата го усвоија францускиот предлог. Опозицијата не гласаше, а на нотар пратенциите на ВМРО-ДПМНЕ завериле изјави дека нема да гласаат за промена на Уставот. Меѓувладината конференција на С.Македонија и ЕУ ќе се одржи на 19 јули.

Со 68 гласа „За“ пратениците во Собранието денеска ги усвоија заклучоците за таканаречниот француски предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции. Неколку часа подоцна на 66-та владина седница беше донесена одлука за прифаќање на францускиот предлог.

„Со оваа одлука го започнуваме процесот на пристапни преговори на С. Македонија со ЕУ. Со оваа владина седница заокружуваме уште еден објективно историски чекор за нашата земја“, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција по седницата.

Тој порача дека благодарение на тоа сега државата има преговарачка рамка во која се заштитени македонскиот јазик и идентитет, а историските прашања се надвор од истата. Ковачевски додаде дека првата меѓувладина конференција на С.Македонија и ЕУ ќе се одржи на 19 јули во Брисел.

Претходно усвојувањето на предлогот во Собранието беше дочекано со аплауз од пратениците од владејачкото мнозинство кои си честитаа меѓу себе и го развиорија македонското знаме и знамето на ЕУ. Немаше против и воздржани пратеници.

Повеќе на РСЕ